Нема да има заеднички кандидат СДСМ-ДУИ, Заев тврди дека изненадувањето не е Албанец градоначалник на Скопје

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нема да има заеднички кандидат ниту пак се разговарало воопшто за тоа, изјави премиерот Зоран Заев, со што ги демантираше шпекулациите за тоа што ќе биде изненадувањето кое вчера го најави коалицискиот партнер Али Ахмети. Најавите на лидерот на интегративците дека в сабота ќе соопшти некакви изненадување во јавноста се појавија претпоставки дека најверојатно се работи за кандидат за градоначалник на Скопје Албанец и дека тоа ќе биде еден вид компензација за премиер Албанец.


„Не, не се работи, за тоа, се работи за нешто кое што претставува модернизација на нашиот коалиционен партнер и логично е да оставам за деталите да зборуваат тие, а секако е во духот на тоа што го работиме како Влада. Ќе ги видите деталите како што ги презентиравме нашите промени . Воопшто не е разговарано за таква работа, за заеднички кандидат или за компензации или нешто слично. Не. Се работи за платформа политичка, перспективи, иднина и така натаму“, истакна Заев.


Ахмети вчера најави дека в сабота ќе соопшти изненадување, што предизвика голем број дилеми и претпоставки за што се работи.
„На 5-ти јуни, повторно, нашето семејство ќе излезе со платформа која првично ќе биде дискутабилна и со големи дебати како што се дебатираше за „првиот албански премиер“, но и за оваа платформа ќе има голема дебата, но да оставиме за 5-ти јуни“, посочи Ахмети.


Заев најави дека и на овие локалните избори ќе коалицира со поголем број партии.


„Граѓаните веруваат во своите идни носители на функции на локално ниво, затоа е многу важно кои личности се и од тука ќе зависи и секако како ќе се определат граѓаните, но ќе зависи и како ќе ги правиме коалициите. Така што коалиции ќе правиме. Ние стартуваме со наша преокупација да ги создадеме максимално коалициите. Секако еден дел ќе бидат направени уште во првиот круг, еден дел ќе бидат логични и во вториот круг“, додаде Заев.


Кандидатите за градоначалници најверојатно ќе бидат познати кон крајот на август или почетокот на септември. Претходно, СДСМ најавува и дека ќе прави проверки преку теренски анкети за да се утврди номинацијата за советници и кандидати за градоначалници.