На оваа прес конференција на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи немаше никаква табла, за која во изминатите неколку дена имаше политички препукувања. Поставено беше само државното знаме и знамето на Европската унија.
По договорот од Преспа и уставните промени, поранешната министерка Мила Царовска прес конференциите ги одржуваше со поставување на банери на кои пишуваше Република Северна Македонија. Таблата не е сменета, само била покривана со банери, на кои стои Република Северна Македонија, Министерство за труд и социјална работа.
Каде е банерот и зошто сегашната техничка министерката не го користи? Таа вели дека не затекнала никаков банер и нема намера да ја смени таблата.
„Јас не тргнав никаков банер, вие сте тука од првиот ден. Дали во некој момент видовте банер? Јас нема да ставам никаков банер. Ова е таблата на министерството и пред оваа табла ќе се држат прес конференциите во ова министерство“, истакна Мизрахи.
Освен уставот, Мизрахи го крши законот на јазици затоа што натписот на таблата, не е преведен ниту на албански јазик, а според законот сите натписи на државните институции треба да бидат двојазични.
„5 илјади евра е казната. Во ред во ред тогаш јас ќе бидам казнета. Јас ќе бидам казнета“, додава Мизрахи.
Пред само неколку дена министерот за надворешни работи Никола Димитров побара разрешување на Мизрахи, за како што вели, поради непочитување на Уставот, а техничкиот премиер Оливер Спасовски најави дека ќе разговара со неа.
Од друга страна, од кабинетот на дополнителната заменичка министерка Санела Шкријењ за ТВ21 велат дека во Министерството има услови за одржување прес-конференции согласно Устав. Додаваат дека користењето на старата табла на МТСП е свесно и со јасна цел – да се упати порака дека не се согласува со Преспанскиот договор и новата реалност во Република Северна Македонија.
Инаку Мизрахи ја обвини поранешната министерка за труд и социјала Мила Царовска, за како што вели, грубо прекршување на деловникот за работа на Економско социјалниот совет. Според Мизрахи на 35-та седница на овој совет Мила Царовска побарала да биде донесена дополнителна точка на дневниот ред за измена на Деловникот за работа на што се спротивставиле членовите на репрезентативните синдикати и се изјасниле дека не биле известени за промените во дневниот ред и потоа ја напуштиле седницата на Советот.
Во текот на денот неколку пати се обидовме да добиеме став од поранешната министерка, а сега вицепремиер за економски прашања Мила Царовска, но не успеавме да добиеме никаков повратен одговор.
