И по денешната средба на координаторите на пратеничките групи во Собранието – нема договор за измените на Изборниот законик. Спорно остана електронското гласање на дијаспората, кое беше „црвената линија“ на ВМРО-ДПМНЕ за постигнување договор, но воедно и целосно неприфатливо за СДСМ. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, очекува Изборниот законик да остане блокиран и следните парламентарни избори да се одржат според постојните изборни правила.
„Она што остана како точка преку која не можеше да се помине е забелешката на СДСМ за електронското гласање на дијаспората. Моделот кој е во Изборниот законик е неприфатлив за СДСМ и со жалење можам да констатирам дека разговорите завршија неуспешно. Од таа причина денеска се закажува и Комисијата за политички систем, на која што, како што најавија, очекувам дека ќе има блокада од страна на СДСМ и на Левицата.“, рече Никола Мицевски.
Опозициската СДСМ веќе подготвила 10.000 амандмани за Изборниот законик.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека нема да дозволат донесување на Изборниот законик во форма која, според него, отвора сериозни сомнежи за злоупотреби, нерегуларности и нарушување на легитимноста на изборниот процес.
„Оваа измена на закон, којшто се воведува ваков начин на гласање, електронски, на нашата дијаспора – не знаеме колку илјади луѓе се тоа, 100, можеби 200 илјади луѓе – отвора можност за злоупотреба, за контролирано гласање, за тоа еден човек да гласа во име на повеќе луѓе. Да ја потсетам јавноста дека овој и ваков закон предлага партија и тоа како добропозната по злоупотребите во изборниот процес.“, вели Венко ФИлипче.
Од друга страна, Левица подготви 3.500 амандмани, но од друга причина – поради државното финансирање. Од партијата сметаат дека прашањето за гласањето на дијаспората е координирано меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
„Целиот процес, кој СДСМ прво го бојкотираше, а сега ќе го блокира со амандмани, ни дава индиции дека станува збор за договор меѓу двете најголеми партии повторно Левица да остане без државно финансирање. Во ваков статус единствен губитник е Левица, бидејќи остануваат непринципиелните правила на политичка дискриминација“, вели ДИмитар Апасиев.
Премиерот Христијан Мицкоски, зборувајќи за оваа тема, изјави дека сите барања на Левица биле прифатени, но ги обвини за, како што рече, дволична политика.
„Проблемот каде настана? Кога политичката партија рече ние нема да се потпишеме. Вие потпишете се. Ние нема да правиме филибастеринг, вие слободно гласајте го и така да помине. Со тоа каква порака испраќаат? Ние добивме тоа што сакаме. Работевме цело време најлицемерно, сега откажуваме за да се прикажеме пред оние што не поддржуваат дека еве ние сме тврдокорните, робиспјерови некои следбеници или не знам што, а во суштина како мачиња се си прифатија за време на дебатата.“, вели Христијан Мицкоски.
Амандмани ќе поднесе и ЛДП. Претседателката на партијата, Моника Зајкова, изјави дека доколку до крај не се разјасни процесот на контрола на гласањето, тогаш изборниот процес, според неа, би можел да се сведе на „гласање на бел лист хартија“.
