Ќе се бара мислење од Советот на етика и од координаторот на Основниот суд во Кавадарци за случајот во кој неодамна претседателот на судот во Кавадарци Лазар Нанев заедно со обвинителката Фатиме Фетаи и министерот за правда Никола Тупанчевски заедно присуствувале на натпреварите на Македонија со Италија и Португалија. Ова го изјави претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска која рече дека ова судско тело е ненадлежно да расправа за ова. Не можеме да поведеме постапка за разрешување, законот не ограничува, рече таа.
„Како Судски совет ние не сме надлежни да испитуваме нестручно и несовесно работење на претседател на суд и да го разрешиме. Ние заради тоа одлучивме да го задолжиме координаторот што е задолжен за Основниот суд Кавадарци да побара информација од претседателот на судот и воедно да се обратиме до Советот за етика при Здружението за судии кој единствено да дава мислења“, вели Црвеновска.
Црвенковска на денешната средба со новинарите говореше и за работењето на судовите. Иако поголем дел се неажурни, претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковски оцени дека судството во целина работи како што треба. Меѓу оние кои ги оцени како неажурни се и Врховниот суд.
Судовите во 2021 година успеале да го совладаат приливот на предмети и го намалиле заостатокот за 2.256 предмети. Така што според оценка на Судскиот совет во целина судството е ажурни. Иако од 34 судови ажурни се 15, додека неажурни се 19 и тоа Врховниот суд, четирите апелациони судови и 15 основни судови.
Црвенковска рече дека во текот за 2021 година е направен избор на 6 судии во основните судови како и дека се избрани шестмина претседатели на судовите, на Врховен, Управен и на уште четири основни судови. Истовремено рече дека се разрешени седум судии од кои пет поради нестручно и несовесно вршење на судската функција и двајца поради тешка дисциплинска повреда.
