Јапонија побара промена на новата светска карта усвоена од Обединетите нации, бидејќи спорните Курилски Острови на неа се прикажани како руска територија. Новата карта, која ги прикажува континентите во пореалистични размери, ги намалува Европа и Северна Америка, а ја зголемува Африка. Поради промената во големината на континентите, резолуцијата наиде на критики од САД, а спорот настана поради начинот на кој се прикажани Курилските Острови, кои Јапонија ги смета за свои „Северни територии“, пишува „Гардијан“.
Генералното собрание на ОН гласаше за усвојување на новата карта минатиот петок, а Јапонија беше меѓу 164-те земји-членки што ја поддржаа резолуцијата. И покрај тоа, Токио сега упатува забелешки бидејќи Курилските Острови се обоени со иста боја како и Русија.
Портпаролот на јапонската влада, Минору Кихара, денеска изјави дека новата карта, позната како проекција „Equal Earth“ (рамноправна Земја), „содржи приказ што е во спротивност со ставот на јапонската влада“. „Преку дипломатски канали упативме протест до операторот на веб-страницата со картата и побаравме овој приказ да се коригира“, им рече Кихара на новинарите.
Тој одби да каже кога владата го забележала проблемот, но истакна дека Јапонија „мора да го спречи ширењето на погрешни сфаќања за нашите територии и географски имиња“. Од ОН соопштија дека целта на новата карта е да понуди „попрецизен приказ“ на копнените маси во споредба со традиционалните Меркаторови проекции.
Територијалниот спор околу островите датира од крајот на Втората светска војна. Поранешниот Советски Сојуз ги окупираше островите во 1945 година и го протера јапонското население од нив. Односите меѓу Јапонија и Русија значително се влошија минатиот месец, откако рускиот претседател Владимир Путин ја направи својата прва ненајавена посета на спорниот архипелаг.
Веднаш по посетата, Јапонија го повика рускиот амбасадор на разговор. Јапонската политичарка Санае Такаичи изјави дека посетата на Путин „ги повредува чувствата на јапонскиот народ“ и ја нарече „целосно неприфатлива“.
Таа рече дека островите се „неотуѓив дел од јапонската територија, како историски, така и според меѓународното право“. Москва брзо возврати и соопшти дека „категорично“ ги отфрла таквите изјави, кои ги смета за „политички несоодветни, навредливи и, се разбира, правно неосновани“.
