Националниот ветеринарен институт во Словенија го потврди присуството на вирусот на Западен Нил кај угинати сиви врани пронајдени во областа на Љубљана и во блиското место Гросупље, пренесува словенечката новинска агенција СТА. Вирусот последен пат кај птици во Словенија бил потврден во 2024 година, а според Словенечката управа за безбедност на храна, ветеринарство и заштита на растенијата, досега оваа година не се регистрирани случаи кај луѓе.
Вирусот на Западен Нил природно циркулира меѓу птиците и се пренесува преку комарци. Одредени видови птици, вклучително и враните, се особено подложни на инфекција; следствено, болеста може брзо да се шири меѓу нив и да биде фатална.
Вирусот на Западен Нил потекнува од Африка. Првпат бил идентификуван во 1937 година во истоимената провинција во Уганда. Денес е присутен во Европа, Азија, Африка, Австралија и Америка; во Европа, првпат се појавил во Франција во раните 1960-ти години.
Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) минатата недела објави дека оваа година во Европа се регистрирани повеќе од 1.000 случаи на инфекција со вирусот на Западен Нил стекнати на локално ниво. Бројот на случаи нагло пораснал во последните недели.
Оваа година, болеста е потврдена во Хрватска, Северна Македонија, Холандија, Италија, Шпанија, Белгија, Германија, Австрија, Грција, Швајцарија и Франција. Вирусот на Западен Нил е болест што може да се пренесе од животни на луѓе, најчесто преку каснување од заразен комарец. Според Словенечкиот национален институт за јавно здравје, повеќето заразени лица немаат симптоми или имаат благи симптоми слични на грип, како што се треска, главоболка, болки во мускулите и замор. Во некои случаи, болеста може да биде тешка и да го зафати централниот нервен систем. Повеќето инфекции се јавуваат во периодот од средината на јули до крајот на септември.
