Нема надеж за повторни избори на Тетовскиот универзитет? Ферати: Инспекторатот нема надлежност да интервенира во конкурсот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Јусуф Зејнели е новиот ректор на Универзитетот во Тетово. Трката помина со обвинувањата за тајна кампања со политички притисок за фаворизирање на кандидатот Јусуф Зејнели, за што зборуваа другите тројца противкандидати Башким Зибери, Миќереме Руси и Дервиш Алими, кои се повлекоа од трката. Директорот на Државниот инспекторат за образование Халит Ферати за ТВ21 изјави дека ги презеле сите неопходни мерки согласно нивните овластувања, за подобрување на неправилностите на конкурс за ректор на ТУ, но дека не можат да го поништат.

„Тоа не значи дека имаме овластување да го поништиме конкурсот или некој процес каде се избира ректор. Односно вршиме увид, констатираме неправилности и сме должни како институција да ги известиме надлежните органи. Немаме член од закон со кој може да се мешаме во овој процес. Да имаше, сигурно ќе се извршеше увид и ќе преземевме свои мерки-рече Ферати.

Но, што предвидуваат членовите 202, 203 и 204 од законот за високо образование?

„Во овој случај, Министерството за образование има опција да формира комисија која ќе утврди дали имало неправилности и дали тоа се неправилностите што ги утврдивме. Комисијата го информира министерот. Министерот ја известува високообразовната институција со утврден рок од 30 дена. Доколку таа институција не ја подобри состојбата, Министерството за образование и наука ќе донесе одлука. Во членот многу јасно се вели дека доколку не се спроведат одлуките на Министерството за образование, тие завршуваат на дневен ред на владата, каде што се случува и затворање на институцијата.“, вели Халит Ферати.

Министерот за образование Јетон Шаќири вчера изјави дека министерот нема можност да се меша во изборниот процес на универзитет, но доколку се потврдат нерегуларности, може да формираат комисија која ќе ги провери.

Од друга страна, членот на Комисијата за спречување на корупцијата, Владимир Георгиев, рече дека ќе отворат предмет за ТУ доколку најдат доволно елементи за постапување.

Со 260 гласа од вкупно 334 членови на наставно-научните совети на факултетите е избран нов ректор на ТУ, Јусуф Зејнели. Мандатот на ректорот е 3 години.