Нема најава за средба Мицкоски-Радев, Мицкоски: Подготвен сум во било кое време на средба, но не било како

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ќе се вратат ли уставните измени со одложено дејство на преговарачка маса со Бугарија? Премиерот Христијан Мицкоски вели дека тој е подготвен да преговара со нашиот источен сосед се додека не се постигне решение. За сега нема најава за некаква средба меѓу македонскиот и бугарскиот премиер, но очекува претходно со дипломатски контакти да се доближат ставовите.

-Ние ќе продолжиме да разговараме, се разбира ние знаеме кои се нашите црвени линии и во рамките на тие црвени линии ние ќе се обидеме да го изнајдеме решението. Јас сум подготвен во било кој момент да седнам и да разговарам, но средба колку да биде средба а притоа да нема никаков ефект не сум љубител на губење ниту на своето ниту на неговото време. Очекувам дека дипломатските обиди да се изнајде решение претходно ќе ги доближат позициите на двете страни па ако има можност за такво доближување тогаш апсолутно сум подготвен да седнам на средба, вели премиерот Мицкоски.

Деновиве бугарскиот премиер Румен Радев во стоте дена отчет меѓу другото посочи и за односите со Македонија. Во документот се наведува дека Бугарија ги поддржува евроинтегративните процеси на земјата, но не безусловно.

-Активна, принципиелна и национално одговорна билатерална дипломатија со Република Северна Македонија. Владата предводена од премиерот Румен Радев ги поддржува добрососедските односи но тие се поврзуваат со исполнувањето на преземените обврски и со реалната заштита на правата на Бугарите во Република Северна Македонија, вели премиерот на Бугарија, Румен Радев.

Во однос на ваквиот став на Радев, Мицкоски истакна дека Уставот ги штити сите граѓани во државава вклучително и на бугарската заедница, но дека нема реципроцитет од бугарската страна.

-Нашиот Устав нуди апсолутно озбилна заштита за сите граѓани во државата, вклучително и за бугарската заедница. Е сега тука доаѓаме до втората тема а тоа е што правиме со македонската заедница од другата страна на границата имајќи предвид дека Бугарија има ратифицирано, некоја друга Влада не оваа на господинот Радев, дека ќе ги почитува човековите права а од друга страна континуирано избегнува да ги регистрира здруженијата на македонската заедница во Бугарија како што е случајот со ОМО Илинден Пирин и покрај тоа што имаме дузина пресуди од страна на судот за човекови права во Стразбур, вели премиерот Мицкоски.

Деновиве и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски потврди дека Македонија останува на своите црвени линии во идните преговори со Бугарија.