Нема насилство врз бебето: Директорот Мемеди тврди дека модринките настанале при земање крв за анализа

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Немало никаква намера на медицинската сестра за нанесување повреда на бебето, а модринките настанале при земање на крв за анализа, вели директорот на Детската болница Реџеп Мемеди. Изминативе денови јавноста беше вознемирена со обвинувањата на родителите дека медицинска сестра му нанела модринки на раката поради тоа што не го познавале македонскиот јазик, но потоа дел од лекарите објавија дека бебето имало тромбоцитопенија што значи помал број на тромбоцити кое доведува до тоа да има модринки на помал притисок. Директорот Мемеди рече дека не станува збор за некакво повредување на бебето, за што средба имале и самите родители со медицинската сестра.

-Немало апсолутно никаква намера на медицинската сестра за нанесување повреда туку тие хематоми, односно модринки на десната рака настанале во текот на процедурата земање венска крв за анализи на ден 11.07.2024 година која е реализирана од страна на две медицински сестри. Како последица на механичкиот притисок настанале хематомите на десната надлактица и подлактица. Сметаме дека најверојатно во основа, причина за алармирање на случајот од страна на родителите е едно недоразбирање меѓу дедото на детето и медицинската сестра, вели Реџеп Мемеди, директор на Детската болница.

И министерот за здравство Арбен Таравари кој претходно го посети ова семејство, вели дека се работи повеќе од невнимание од сестрите и дека не се работи за намерен случај. Рече дека е отворена дисциплинска постапка а најави и мерки донесени од Комисијата која го разгледуваше случајот.

-Медицинскиот кадар треба да биде многу внимателен со сите пациенти, без разлика на етничката припадност а посебно со децата. Јас се надевам дека мерките што ќе ги преземе Комисијата заедно со директорот ќе се ефектуираат. Некакви докази дека намерно тоа е направено нема така што, јас кажав и на почетокот, да бидеме внимателни, да ги слушаме и двете страни. Не верувам дека постои здравствен работник кој што би бил подготвен да повреди дете од 3 месеци, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.

Имаше и реакција од Здружението на медицински сестри од каде беше речено дека случаи кои не се докажани не смеат да фрлаат дамка врз медицинскиот персонал особено кон медицинските сестри.