Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова потврди дека в среда во Софија ќе се сретне со бугарската потпретседателка Илијана Јотова, во рамките на Самитот на Процес за соработка на Југоисточна Европа.
Во интервју за „360 степени“, Сиљановска-Давкова изјави дека средбата претставува природно продолжение на нивната претходна комуникација во Ереван и оти очекува разговорите да опфатат и суштински прашања во односите меѓу двете земји.
„Нема нерешлив проблем“, порача претседателката, нагласувајќи дека клучот за надминување на разликите лежи во меѓусебната комуникација, соработката и заедничкото учество во проекти од заемен интерес.
Таа потсети и на својата прва средба со бугарскиот претседател Румен Радев во Софија, кога вниманието на јавноста било насочено кон инцидентот со знамињата, додека во втор план останале пораките за потребата од поблиска соработка меѓу двете држави.
„Сите што бевме присутни на работниот ручек слушнавме говор за потребата од соработка во многу области во кои заедно би постигнале подобри резултати и повеќе успеси. Тоа е единствениот начин да се однесуваме искрено и добронамерно, без навреди и меѓусебни повреди, внимателно мерејќи ги зборовите“, изјави Сиљановска-Давкова.
Средбата во Софија доаѓа во период кога односите меѓу Скопје и Софија остануваат во фокусот на јавноста поради евроинтегративниот процес и отворените политички прашања меѓу двете соседни земји.
