„Нема никакво кривично дело со набавка на софверот“ – Рашковски ќе бара набавената опрема Владата да ја донесе во судница

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Со ништо не е потврдено никакво сторување на кривично дело и тоа ќе се потврди по доказната постапка пред обвинителство“, вака изјави поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски кој денеска на брифинг пред новинарите презентираше документи за набавката на софтверот за мерење брзина на возила. Рашковски рече дека за набавката на софтверот постои одлука во законска процедура и дека истиот бил набавен за потребите на Владата, а не за МВР.

„Самата одлука која што е донесена во законски предвидена процедура и донесена од законски предвиден орган за таа намена. Вториот документ кој што ви беше предочен е записник за технички прием со кој се докажува и покажува дека софтверот кој што е предмет на обвинителниот акт е технички исправен, предаден и е комплетно функционален“, посочи Драги Рашковски.

Рашковски вели дека Обвинителството во јуни 2021 година добило допис од страна на Генералниот секретаријат на Владата дека целокупната опрема е набавена и постои во Владата, но не му е јасно зошто обвинителството истото не го предложува во доказната постапка во обвинителниот акт што се води против него.

„Изјава односно допис доставен од страна на генералниот секретар тогашен Мухамед Зеќири со кој што ја потврдува инсталацијата на таквите софтвери, го потврдува доставениот хардверски материјал и со тоа е потврдено дека таквата јавна набавка во целост е реализирана“, вели Драги Рашковски.

Судењето на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, кој заедно со уште шест лица се товари за нелегалната набавка на софтвер, продолжува на 1 ноември, откако на денешното рочиште во Основниот кривичен суд – Скопје беа сослушани повеќе сведоци предложени од Обвинителството. Рашковски тврдеше дека софтверот треба да биде дел од т.н. „Сејф сити“, но единствената институција со право да казнува, Министерството за внатрешни работи, брзо ја урна тезата на Рашковски со ставот дека ниту барало ниту планира да го користат софтверот за кој никој не го прашал.