Нема ниту еден нов случај на заразен со делта сојот, но се чекаат резултатите за 4 пациенти од Тетово кои се сомнителни на мутацијата на коронавирус. Резултатите ќе бидат објавени веднаш штом ќе бидат изготвени од лабораторијата на МАНУ, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Во меѓувреме делта сојот брзо се шири во многу земји во светот и Европа, а од неодамна и во земјите од регионот. Во Грција досега со овој вирус е заразено 121 лице, а еден пациент поради влошена здравствена состојба е хоспитализирано и приклучено на респиратор. Сепак, ресорниот министер смета дека состојбата е мирна и дека нема потреба од воведување рестриктивни мерки на граничните премини.
Во изминатово деноноќие се регистрирани 13 нови случаи на Ковид-19. Седум случаи се од Тетово, а шест од Скопје. Нема ниту еден смртен случај, а излекуван е еден пациент. Вкупниот број на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на пандемијата изнесува 155.783.
