Србија дава целосна поддршка на Македонија, но и на Албанија во европските интеграции и постојано апелира да се забрза процесот на почеток на преговорите со Европската унија, истакна премиерката на Србија Ана Брнабиќ. Тоа, како што истакна таа, ќе даде позитивен сигнал и за сите други земји од регионов меѓу кои и Србија, која, инаку веќе со години ги има почнато преговорите но нема некој напредок во нив.
„Република Србија дава навистина целосна искрена поддршка на европските интеграции на Република Северна Македонија и секогаш кога разговараме со нашите европски партнери за нашите сопствени европски интеграции секогаш и на секој состанок и во секоја прилика апелираме да се забрза патот на Република Албанија и на Република Северна Македонија кон Европската унија затоа што тоа е неопходен и навистина важен позитивен сигнал“, вели Ана Брнабиќ.
Пред два дена првиот дипломат на Европската унија Жозеп Борел порача дека мора да се изврши притисок затоа што непочнувањето на преговорите со Македонија и Албанија може да предизвика криза во регионот и дека во јуни тоа прашање треба да се реши. Сепак мали се шансите Македонија и Бугарија за еден месец да го реши прашањето што го наметна официјална Софија а премиерот Ковачевски вели дека не е подготвен на никакви отстапки, туку заеднички прифатливото решение, кое засега го нема, да се заснова на европски вредности.
„За изјавата на потпретседателот на Европската комисија Борел, јас ја видов таа изјава сакам да верувам дека на тој начин преку такви изјави ќе се влијае процесот да добие на интензитет меѓутоа исто така сакам да верувам дека ќе се премине од изјави и декларации на навистина оперативна имплементација на организирање на прва Меѓувладина конференција за Република Северна Македонија и Албанија“, посочи Димитар Ковачевски.
Прашањето на почетокот на преговорите на Македонија со Европската унија повторно ќе се постави на маса на 22 јуни на Советот на Унијата, а единствено Бугарија го блокира евроинтегративниот процес на нашата земја.
