Нема полициски час, само социјална дистанца – Словенија со поблаги мерки се бори против вирусот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Четворица студенти од Македонија студираат на Факултетот за општествени науки при Универзитетот во Љубљана, Словенија. Арменд Абази за ТВ21 раскажа за мерките што ги има преземено досега словенечката Влада. Како што вели, мерките во Словенија се далеку поблаги во споредба со Македонија. Таму нема полициски час, туку само забрана за настани и патување од еден во друг град.

„Тука во Словенија во ниту еден момент немаше полициски час, уште откако беа регистрирани првите случаи на 5-ти март. На почетокот беа откажани сите настани кои беа предвидени, а на кои требаше да има повеќе од 500-600 луѓе. Но, по една недела Владата донесе одлука за затворање на сите барови и ресторани. Исто така беше укинат и јавниот транспорт“, истакна Арменд Абази.

Арменд вели дека во маркети нема гужви, а секој граѓанин пред да влезе мора да носи маска и ракавици.

„Се почитува социјалната дистанца од 2 метри што ја воведе Владата, користењето маски и ракавици е задолжително. Без ракавици и маска не можеш да влезеш во маркет. Дури и корпата во која ги ставаш производите ја дезинфицираат“, додава Абази.

Четворица студенти од Македонија се дел од проектот „Еразмус“ во Љубљана заедно со студенти од други земји. Арменд вели дека поради пандемијата предавањата ги држат по електронски пат. Во Словенија досега се регистрирани 1.304 случаи на коронавирус, 174 се излекувале, а 66 починале како последица на вирусот.