„Нема потреба да се извинам“ – Џафери: Не ги навредив вработените, туку односот кон работата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, не смета дека треба да им се извини на вработените во Собранието на кои пред неколку дена им се обрати со погрдни зборови кои се слушнаа за време на директниот пренос на собранискиот телевизиски канал. На брифингот со новинари, Џафери рече дека не мисли дека го прекршил Кодексот за етичко однесување, сѐ додека ја врши својата работа како што треба.

„Не чувствувам потреба дека треба да се извинам. Вршејќи ја својата работа не сметам дека го прекршив Етичкиот кодекс“, вели Талат Џафери.

По ова, собранискиот спикер рече дека не ги опцул службениците, туку односот кон нивната работа.

„Пцовките не беа кон вработените, ако слушате и читате добро така како што е, а не како што сугерира опозицијата. Тоа не беше за вработените, туку за нивниот пристап кон работата. За вакви грешки, ако се оди до крај и ако треба да има последици, тогаш овие луѓе треба да си заминат дома“, додава Талат Џафери.

Запрашан за упатените погрдни зборови, Џафери вели дека истите ги знаат само тие кои според него направиле грешки во нивната работа. Додава дека собраниските службеници се плаќаат 20% повеќе од нивните колеги во други институции и дека треба да го почитуваат работното време и процесот на работа.

„Ако некој смета дека треба работното време да го мине на улица „Македонија“, тогаш се лаже. Не барам ништо повеќе и ништо помалку туку за време на работното време да бидат на работа“, порача Џафери.

А пред брифингот, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ одржа прес-конференција со транспаренти на кои пишуваше „Бегај таму! БЕГАЈ! СУС БРЕ“ на која побараа оставка од собранискиот спикер.  

Во врска протестот кој ВМРО-ДПМНЕ го најави за 18 јуни, Џафери на став дека секој има право на протест, но додава дека во Собранието не смеат да се повторат работи кои се случувале во минатото.