Премиерот Мицкоски ретерираше по изјавата дадена изминативе денови во врска со полагањето на правосудниот испит да може да биде и на албански јазик во која рече дека за тоа не постои законска пречка цитирајќи го законот за употреба на јазиците. Тој денеска со променет став, вели дека испитот ќе може да се полага и на друг јазик, само доколку за тоа биде донесен закон, бидејќи сегашниот закон тоа не го дозволува. Веднаш потоа, истакна премиерот законот ќе биде доставен на Венецијанската комисија.
„Значи ние мораме овој процес на полагање најпрвин да го утврдиме со закон. Законот ваков каков што е не дозволува таков тип на полагање. Јас сум подготвен да се направи закон, тој да се прати во Венецијанска комисија и Венецијанска комисија да даде свое мислење, дали е законот согласно Устав или не е. Факт е дека, кога е направен законот за употреба на јазиците Венецијанска комисија за делот на правосудството дава негативно мислење“, порача Христијан Мицкоски.
За ова прашање вицепремиерот Беким Сали и министерот за правда Игор Филков имаа јавно препукување во кое Сали тврди дека полагањето на правосудниот испит има уставна основа. Министерот Филков му врати дека Законот за правосудниот испит не содржи одредби за полагање на правосудниот испит на друг јазик освен на македонски. Премиерот Мицкоски не смета дека оваа комуникација може да прерасне во меѓукоалициски судир, но очекува да престане.
„Не не мислам. Мислам дека дебата е добра, здрава е дебата и очекувам денеска таа дебата да престане. Јас ќе ги поканам утре луѓето кои што за оваа работа ја изнесоа темата во јавност сакам да поразговараме со сите овие факти кои што сега накратко ги објаснував за да дојдеме до решение. Целта на оваа Влада е да ја развива Македонија, граѓаните да живеат подобро, да одиме напред и еден ден да бидеме дел од Европската унија. Теми од пред 30-40 години во моментот не ни требаат. Затоа велам, тоа е политикантство“, вели Христијан Мицкоски.
Студенти Албанци изразија разочарување откако не им било дозволено правосудниот испит да го полагаат на албански јазик и покрај нивните барања. Откако од Министерството за правда им било одговорено дека не може да се дозволи полагање на албански јазик, од студентската иницијатива најавија дека е можно да одржат протести.
