По околу 50 судски рочишта за случајот „Тортура“, судот наместо да донесе пресуда за Сашо Мијалков и 6 поранешни припадници на единицата „Алфа“, одлучи предметот да го врати од почеток.
Судијката Ристовска смета дека обвинението е нејасно и дека нема доволно докази кој и какво дејствие преземал во текот на нехуманото апсење на Љубе Бошковски.
За прецизирање на предметот, Ристовска побара дополнителни докази од обвинителот Љубомир Лапе. Но, за обвинителот обвинението е јасно и прецизно, а изјави дека е изненаден од одлуката на судијката.
Од друга страна одбраната на Мијалков очекуваше ослободителна пресуда, но и враќањето на предметот од почеток, според нив е законски чин.
Да имаше пресуда, „Тортура“ ќе беше четвртиот случај во кој би бил осуден поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков. Инаку, Мијалков досега беше осуден на 12 години затвор за масовно прислушување во случајот „Таргет – Тврдина“, 8 години во случајот „Трезор“ за злоупотреба на државни пари при набавка на опрема за УБК, исто така беше осуден на затворска казна за изборни нерегуларности во случајот „Титаник 2“, но овој случај е вратен на повторно судење.
