По земјотресот со јачина од 5.0 степени според рихтер во Центарот за управување со кризи се јавиле само три граѓани.
Дежурниот оператор за ТВ21 вели дека и тие кои се јавиле не пријавиле никакви штети, туку само барале информација дали имало земјотрес, каде бил епицентарот и која била јачината.
По земјотресот имало и прекин на телефонската линија и интернет врската не подолго од 10 минути.
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Македонија, со станици во Скопје, Валандово, Охрид, Штип и Пехчево, одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, рано утринава, на 11.11.2020 година во 04 часот и 54 минути, регистрира земјотрес чии епицентар се наоѓа 50 km југозападно од Скопје во епицентралното подрачје Тетово-Гостивар. Земјотресот имаше локална Рихтерова магнитуда ML5.0.
Според досегашните податоци земјотресот најсилно беше почувствуван од населението во Гостивар и Маврово со V степени според Европската макросеизмичка скала, во Тетово и Скопје со IV степени, а во Битола, Прилеп и околината со III степени според истата скала.
