Нема решение за топланата „Скопје-Север“ – Рамадани: Имаме уште само неколку дена на располагање

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сѐ уште нема решение за финансискиот проблем во Топланата „Скопје-Север“ која ги опфаќа Чаир и Бутел. И покрај тоа што се сретнаа, директорот на Топланата, Куштрим Рамадани и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, сепак не успеаја да најдат заеднички јазик. Двете страни велат дека немаат проблеми меѓу себе, но кога е во прашање договор, не можат да се усогласат.

-Немаме никаков проблем во однос на соработка, ние сме за соработка, но Законот за трговски друштва нѐ обврзува максимално да го штитиме нашето друштво. Само тука е проблемот. Повторно велам дека баравме да ни се надомести разликата помеѓу реалната цена на гасот и цената одобрена од РКЕ. Мислам дека ова е најлесниот начин за двете страни, потранспарентен и почист за сите-рече Рамадани.

Но, уште колку дена има на располагање за да се обезбеди гас за „Скопје-Север“?

-Има уште само неколку дена, затоа мора итно да се работи во оваа насока. Ако не можеме да се договориме со ЕСМ, тогаш Владата мора да се вклучи и да го реши проблемот-вели Рамадани.

Го прашавме и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски за одржаната средба, но од таму одбија да говорат пред камера, само телефонски ни рекоа дека нема ништо ново.

-На средбата што се одржа со директорот на Топлана „Скопје-Север“ не беше одлучено ништо ново. Наскоро ќе излеземе со конкретни предлози и ќе ги наведеме во договор-велат од ЕСМ.

Засега е познато дека Ковачевски бара од Рамадани да ги врати средствата со кои ЕСМ му помогнала минатата сезона, а за да потпише нов договор за финансиска помош бара „Скопје-Север“ да даде гаранција со имот. Инаку, „Скопје-Север“ покрива 500 потрошувачи, а очекува ЕСМ да издвои околу 1 милион евра.