Веќе нема долги редици со граѓани кои чекаат ред за вакцинација. ТВ21 беше во Поликлиника Чаир. Граѓаните со кои зборувавме велат дека се вакцинираат поради ограничувањата, но и за да патуваат во текот на празниците.
Првата доза Фајзер, ја имам првата доза. Планирам да патувам.
Затоа ли се вакцинирате?
Да, но и нормално за да се заштитам.
Се вакцинирав со Фајзер, добро се чувствувам, немам симптоми, значи добро е. И да се заштитам и поради рестрикциите.
На дневно ниво просечно доаѓаат 100 граѓани, од кои 60 се за првата доза, информира главната сестра Влора Азизи. Вели дека за разлика од претходните 2 месеци, зголемена е заинтересираноста за првата доза, посебно кај младите.
„Имаме за првата доза, всушност поголем е бројот на лица кои доаѓаат да се вакцинираат со првата доза, потоа следува третата доза, а за втората зависи од термините кои ние сме ги одредиле. Имаме од сите возрасни групи, но најмногу млади.“, вели Влора Азизи од поликлинаката Чаир.
Лекарот, Садат Лумани, апелира граѓаните да се вакцинираат и против Ковид-19 иако се вакцинирани против грипот.
„Вакцинацијата за сезонскиот грип или класичниот како го нарекуваат, создава имунитет само за тоа, но и вакцините за Ковид-19, тие се направени така што можат да произведуваат специфичен имуноглобин за Ковид, но не и имунитет за сезонските грипи.“, изјави Лумани.
Иако заинтересираноста на граѓаните е намалена, ресорното министерство не презема чекори во тој правец. Од 27 ноември министерството не објавува информации за бројот на вакцинирани граѓани на дневно ниво, или за вкупниот број во фејсбук страната. Според неделниот извештај на ИЈЗ до 12 декември со 2 дози се вакцинирани 814 840 граѓани, или 45% од населението.
