Земјата тапка во место во борбата против корупцијата. За 2025 година, Македонија повторно има 40 поени на Индексот на перцепција на корупцијата, без суштински напредок, иако формално е рангирана четири места погоре – на 84-то место.
Ова подобрување е повеќе поврзано со влошувањето на резултатите на некои други држави, вели претседателот на „Транспаренси интернешнл“, Благоја Пандовски.
„Имаме скок од четири места, за разлика од 88-то место што го имавме минатата година (2024), оваа година сме на 84-та позиција. Ако го споредиме тоа со глобалниот пад во борбата на државите против корупцијата, тоа значи дека на четири држави, во споредба со минатата година, им оди полошо од нас оваа година во борбата против корупцијата.“, вели Пандовски.
Главните системски проблеми и понатаму остануваат неуспешните и недовршени реформи во судството и обвинителството, нагласуваат од оваа организација.
„Главните системски проблеми и понатаму остануваат неуспешните и недовршени реформи во судството и обвинителството, кои не успеваат да обезбедат ефикасен, независен и одговорен правосуден систем. Дополнително, настаните поврзани со поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата сериозно ја нарушија довербата на јавноста во институциите задолжени за борба против корупцијата. Исто така, загрижува и нетранспарентниот процес на подготовка на измените на Кривичниот законик, како и нивната содржина, која не само што не придонесе за зајакнување на антикорупциската рамка, туку во одредени сегменти ја ослабна.“, рече Пандовски.
Бугарија, исто како и Македонија, има 40 поени и се наоѓа на 84-то место. Новата оценка го позиционира Косово на 76-то место во светот од вкупно 182 земји и територии, односно три позиции пониско во однос на 2024 година. Албанија е рангирана на 91-то место, губејќи 11 позиции на ранг-листата на „Транспаренси интернешнл“. Србија е рангирана на 116-то место според Индексот на перцепција на корупцијата, што претставува нејзин најлош пласман во последните две децении, соопшти „Транспаренси Србија“.
Корупцијата се влошува на глобално ниво, а и консолидираните демократии бележат пораст на корупцијата поради слабеење на лидерството, покажува Индексот на перцепција на корупцијата за 2025 година на „Транспаренси интернешнл“.
