Само што почна, заврши денешната координација кај Претседателот на Собранието Талат Џафери. ВМРО-ДПМНЕ сакала да се разгледуваат одредени точки од деловникот, а Алијанса- Алтернатива бараат власат да го погледне нацрт предлог законот за државјанство. Но, Џафери вели дека не може да ја менува процедурата, сите точки се подеднакво битни. Додава дека условувањата на опозицијата не смеат да станат пракса и во иднина.
Албанската опозиција е подготвена за договор. Бараат да го видат нацрт предлогот на власта, ако го имаат за законот за државјанство. Порача власта да не ги „фаќа“ на емоции граѓаните.
„Јас предложив ако власта има своја верзија на закон за државјанство дај да седнеме да го усогласиме со нашиот, да донесеме заеднички закон за државјанство, воопшто не е битно кој ќе прфитира од тоа, за нас е битно да профитираат граѓаните, да го донесеме и да го одблокираме Собранието“, истакна Алијанса/Алтернатива.
ВМРО-ДМПМЕ побарале на посебна седница да се разговара за Законот за поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност, предлог законот за финансиска помош на работодавачите за исплата на плати и предлог законот за личен доход како и законите кои произлегуваат од петти пакет мерки.
„Денес стана јасно кој го блокира Собранието. Денеска стана јасно на кој не му е грижа за здравјето на граѓаните, кој се занимава со плитиканство и злоупотреба на здравствената криза“, посочи Никола Мицевски.
Од СДСМ пак апелираат опозициските пратеници да се издигнат над партиските интереси и во интерес на граѓаните. Важни процеси се блокирани меѓу кои и реализацијата на петтиот пакет мерки. Ја обвинуваат опозицијата за договор за блокирање на Собранието.
„Има деловникот механизми со кои може да се деблокира Собранието, кои може да ги употреби Претседателот на Собранието Талат Џафери согласно деловникот“, порача Костадин Костадинов.
Кризната состојба во парламентот трае подолг период , па го прашавме Претседателот на Собранието какви механизми ќе преземе за деблокада :
„Комисијата е надлежност на Претседателот на комисијата во соодветен рок како што пропишува деловникот. Кој инструмент и да го спроведам ако е намерата да се блокира тогаш џабе е само да вратам некои слики од минатото. Јас немам намера да вратам таква слика, иако како инструмент стои, меѓутоа не е решение тоа“, истакна Талат Џафери.
Џафери се пожали дека некои од пратениците од опозицијата ја злоупотребуваат Ковид ситуацијата. Двајца од власта во моментов се во изолација.
Други пратеници пак, доаѓаат на работа се потпишуваат и си одат, а земаат плата од граѓаните и патни трошоци, токму затоа и ја откажал утрешната седница.
