Седум милиони евра ја чинеле државата итните јавни набавки за заштита од корона вирусот што ги склучувале дел од државните институции. Институциите ја прекршиле законската обврска да ги објават договорите во рок од десет дена од потпишувањето. Информацијата која деновиве беше објавена во јавноста од страна на Центарот за граѓански комуникации го активираше црвеното светло. Од центарот предупредуваат на зголемен ризик од корупција во дел од институциите.
„Она што сите институции особено овие големите што набавуваат треба да го имаат е детално образложение на потребата за набавката. Во одлуката за јавна набавка детално да се образложи зошто некому му треба толкава количина по тој квалитет и по таа цена што планира да ја потроши. Меѓутоа институциите и тука не го спроведуваат законот затоа што тие нивни образложенија за потребата од набавката или ги нема или се многу оскудни.“, рече Герман Филков.
Прво на списокот е Министерството за внатрешни работи кое со 2,2 милиони евра води според износот на склучени договори. Одговор на ваквата информација побаравме и од МВР, од каде ни беше одговорено дека потребите за набавки биле нужни и служеле за нормално функционирање . МВР има склучено рамковни спогодби со шест економски оператори стои во писменото известување.
„Со оглед дека МВР не може однапред да ги предвиди сите фактори на текот на кризната ситуација, нејзиното времетраење, така што министерството со Рамковните спогодби не е обврзано во целост да ги потроши предвидените финансиски средства. Токму затоа, досега се потрошени 969.634 евра, додека пак, околу договорите за набавка на магнетни налепници и за делови од основна униформа и дополнителна опрема (600 парчиња каиши) потрошени се 59.647 евра. Што значи дека не се потрошени посочените 2,2 милиони евра.“, велат од МВР.
Договори за набавка со државните институции потпишале повеќе од сто фирми но само 43 проценти од вредноста на сите тендери добиле пет фирми
„Иако има 160 фирми што вкупно добиле ваков тендер, сепак речиси половина од вредноста на овие договори им отпаѓа само на пет фирми. Значи има концентрација кај пет фирми и останува разликата во цените за исти производи најчесто за ракавици за скафандерите и за заштитните маски“, рече Филков.
Имињата на петте фирми кои се на списокот со кои МВР соработувало изминатиот период се исти со оние во извештајот на центарот. Од внатрешни потенцираат дека договорите за набавки биле склучени согласно одредбите од Законот за јавни на набавки, и следствено на тој закон истите биле објавени на електронскиот систем за јавни набавки, со што и биле достапни на јавноста. Инаку големи се разликите во цените од институција до институција и тоа на заштитните маски, ракавиците и скафандерите. Најскапо платена маска изнесува 448 денари по парче. Кај ракавиците за пет различни видови цените се движеле до 1,8 до 9,32 денари а кај скафандерите од 177 до 1156 денари.
Од Центарот апелираат на одговорно и отчетно трошење, оти како што напоменуваат земјата се соочува со недостиг на пари. Во услови кога се крати од сите страни и имаме кризни мерки, јавните пари се ограничен ресурс потенцираат од оваа институција.
