Непознат ротирачки објект е откриен во нашата галаксија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Австралиските научници тврдат дека откриле непознат ротирачки објект во нашата галаксија и истакнуваат дека тоа е нешто што досега не е видено.

Објектот, кој прв го откри студент од австралискиот универзитет Куртин, е специфичен по тоа што емитува огромна количина на енергија во радио делот од електромагнетниот спектар на секои 18 минути.

Според Би-Би-Си, објектите кои пулсираат со енергија релативно често се набљудуваат во вселената, но во овој случај станува збор за објект кој пулсира цела минута, што е крајно необично.

Овој необичен објект го откри студентот Тајрон О’Доерти со помош на телескоп и нова техника што самиот ја развил.

Студентот е член на тимот на радио астрономи предводени од астрофизичарката Наташа Харли-Вокер, во рамките на Меѓународниот центар за истражување во радио астрономијата (ICRAR).

„Пулсот на енергија се појавуваше и исчезнуваше со часови за време на нашите набљудувања“, рече О’Доерти во соопштението за печатот во кое ICRAR ја информираше јавноста за откритието.

Тој во изјавата додава дека тоа било сосема неочекувано, бидејќи ништо друго што им било познато не се однесува така.

Објектот што бил „осветлен“ цела минута е „многу чуден“, рече астрофизичарот на ICRAR, Џема Андерсон во соопштението за печатот.

ICRAR наведува дека објектот се наоѓа на околу 4.000 светлосни години од Земјата, е исклучително светол и има исклучително силно магнетно поле.