Познатата платформа за филмови Нетфликс ги советува своите корисници да бидат внимателни поради измамата што се шири.
Во текот на викендот, многу корисници добиле е-пошта со наслов „Ве молиме уредете ги вашите детали за плаќање“, пишува The Mirror.
Пораката делува убедливо како редовен автоматизиран одговор на Netflix, кога има проблем со сметката што е заклучена поради проблеми со плаќањето.
„Вашата сметка е блокирана. Ажурирајте ги вашите информации за плаќање. Имаме потешкотии со вашите тековни информации за наплата. Ќе се обидеме повторно, но можеби ќе сакате да ги ажурирате вашите информации за плаќање“, се вели во лажната е-пошта.

Измамниците го вклучиле и типичниот дизајн на Нетфликс, неговата препознатлива црвена боја и фонт, па дури и вклучија и врски што изгледаат како официјалната страница за помош.
За жал, хакерите можат да собираат чувствителни информации на овој начин, вклучувајќи банкарски податоци, кредитни картички, домашни адреси и лозинки за најавување. Оние кои станаа жртви на измамата со кликнување на врската беа пренасочени на подеднакво убедлива веб-страница.
Овде, од корисникот се бара да ги внесе своите корисничко име, лозинка, адреса и детали за картичката, сето тоа под маската на ослободување на блокирана сметка. Некои знаци дека е-поштата не е автентична ја вклучуваат адресата од која е испратена – во овој случај, е-пошта на iCloud – и URL-то на веб-локацијата до која води, а официјалната е-пошта на Netflix доаѓа од адреса што завршува на netflix.com.
Нетфликс вели дека никогаш нема да бара лични информации преку текст или е-пошта и ги информирал корисниците дека доколку станат жртва на измама, треба да ја сменат лозинката на Нетфликс (преку официјалната веб-страница или апликација) и да ја известат својата банка.
Џејк Мур, глобален советник за сајбер-безбедност во безбедносната фирма ESET, изјави за Дејли Меил дека злонамерните и убедливи е-пошта се во пораст поради употребата на вештачка интелигенција.
