Силно невреме попладнево ги зафати регионите на Штип и Гевгелија, каде што се регистрирани јак пороен дожд, грмежи, засилен ветер и појава на град.
Според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи, невремето постепено се движи кон југоисточните делови на државата.
Во 18:25 часот е забележана изразена атмосферска нестабилност и на потегот меѓу Неготино и Демир Капија, проследена со интензивен дожд, силни електрични празнења и локална појава на град.
Нестабилното време и натаму ги зафаќа централните и североисточните делови на Македонија, а надлежните апелираат граѓаните да бидат внимателни и да ги следат временските прогнози и предупредувања.
Метеоролозите најавуваат дека на одредени места процесите може да бидат поинтензивни, со услови за невреме, засилен ветер и поголема количина на врнежи за краток временски период.
