Попладнево делови од Северна Македонија беа зафатени од нестабилно време проследено со дожд и засилен ветер. Најизразена нестабилност беше регистрирана во Охридско-Преспанскиот регион, северно од Кичево и во подрачјата југоисточно од Гостивар.
Според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи, дуваше умерен, а повремено и засилен северен ветер со брзина до 40 километри на час. Оттаму информираат дека облачните јадра во моментот постепено се распаѓаат и стратифицираат.
Метеоролозите предупредуваат дека нестабилното време ќе продолжи и во текот на вечерта. Во повеќе делови од земјата се очекуваат поројни врнежи од дожд, засилен ветер и ретки грмежи, а локално е можна и појава на град. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Под влијание на циклонска активност која доаѓа од Турција, променливото и нестабилно време ќе се задржи и утре. Локално се очекуваат поинтензивни временски процеси со пообилен дожд, силен ветер и услови за појава на град. Утринските температури ќе се движат од 11 до 19 степени, додека дневните ќе достигнат меѓу 28 и 36 степени Целзиусови.
Во Скопје, претпладне ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Во попладневните часови ќе има услови за развој на нестабилна облачност, проследена со дожд, грмежи и засилен северен ветер. Температурата ќе се движи од минимални 17 до максимални 33 степени.
Според прогнозите на УХМР, нестабилниот период ќе трае до петок, по што следува стабилизирање на времето со претежно сончеви услови и постепен пораст на дневните температури.
