Објавувањето на резултатите од последниот конкурс во Клиничката болница во Тетово за прием на медицински персонал повторно предизвика незадоволство и револт кај вработените со договори.
Тие денеска излегоа на протест пред болницата, упатувајќи обвинувања кон директорот, министерот и градоначалникот на Тетово, кои два дена пред изборите им ветиле дека сите што досега работеле таму ќе бидат примени на работа.
– Девет години се соочуваме со многу предизвици, како ковидот, девет години без осигурување и по девет години бев заменета со друг кадар за да ми го заземе работното место, луѓе кои не ги познаваме. Последното ветување од министерот, директорот и градоначалникот беше дека сите што сме работеле ќе добиеме решенија, но тоа не се случи и останавме на улица, вели присутен на протестот.
– Ние што денес стоиме тука барајќи правда и нашите ветени работни места, ќе одиме до крај, дури и до поништување на овој конкурс, вели друг присутен на протестот.
– Иако имавме ветувања од три важни личности, ниту еден од нив не успеа да го реализира даденото ветување, бидејќи нашите места беа заменети со партиски членови, вели присутен на протестот.
– Денес, по сето ова време, сме надвор – не само надвор од работното место, туку надвор од системот, надвор од грижата, број што не постои на нивните списоци. Нашиот труд е заборавен, нашите напори не се забележани, нашето достоинство е погазено. Затоа ќе заминеме. Нема да заминеме затоа што го сакаме Западот повеќе од нашата земја, туку затоа што барем таму се цени нашиот придонес, вели друг присутен на протестот.
Директорот на Клиничката болница во Тетово, Ерзен Елези, инсистира дека над 80 отсто од примените се лица кои претходно работеле со договор. Останатиот дел, според него, се профили кои не одговарале и не можеле да влезат на конкурсот.
– Откако дојдов како директор и одржав состанок, им кажав дека не може да бидат опфатени сите поради профилите, а како основа беше земен претходниот конкурс. Затоа и во тој момент побарав од Министерството за здравство и од Администрацијата нов конкурс во 2026 година и добив позитивен одговор. Побаравме 133 решенија и ќе одиме со процедурите и со отворање на конкурс во 2026 година. Гарантирам дека и останатиот дел што останал ќе биде примен, вели директорот на Клиничката болница во Тетово, Ерзен Елези.
Според директорот, оние што не се примени врз основа на конкурсот имаат право на жалба. На овој конкурс биле примени 119 вработени со решенија, додека со договори претходно работеле 145 лица.
