Жените во Македонија во просек заработуваат околу 12% помалку од мажите, соопштуваат од Алијансата за родова еднаквост по повод Меѓународниот ден на еднаквите плати. Од Алијансата за родова еднаквост појаснуваат дека оваа бројка не значи нужно дека една жена е помалку платена од маж за иста работна позиција, туку ја претставува просечната разлика во приходите на жените и мажите на пазарот на трудот.
„Во Македонија, последните официјални податоци покажуваат дека родовиот јаз во платите изнесува околу 12%, а најголемите разлики се забележуваат кај лицата со високо образование и кај вработените на возраст од 45 до 49 години. Ова покажува дека високото образование и професионалното искуство сами по себе не се доволни за да обезбедат еднаква економска положба на жените“, велат од Алијанса за родова еднаквост.
Наташа Амдију, членка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, за ТВ21 вели дека традиционалната улога на жената во општеството влијае врз нејзината положба на пазарот на трудот. Според неа, жените често остануваат подолг период надвор од пазарот на трудот поради грижата за децата и членовите на семејството, работа која главно е неплатена. Ова, според Амдију, ги прави помалку конкурентни кога повторно се враќаат на пазарот на трудот.
„Во Eвропската унија, (има) една директива за транспарентност на платите и, бидејќи Македонија е кандидат за членка во Европската унија, потребно е да направи целосно усгласување и да ги задолжи фирмите, односно јавниот сектор секако објавува, но пред сѐ приватниот сектор платите да ги објавуваат, сѐ со цел да даде прво, нели, видливост на платата, која плата се очекува, односно, да може поеднакво да пристапат и мажите и жените“, вели Наташа Амдију.
Според Меѓународната организација на трудот, жените на глобално ниво и понатаму заработуваат околу 20% помалку од мажите, додека најновите податоци на ЕВРОСТАТ покажуваат дека родовиот јаз во платите во Европската Унија во 2024 година изнесува 11,1%. Иако во последните години е забележано постепено намалување на разликите, тие и понатаму се значителни, особено кај жените на повисоки позиции и во најпродуктивниот период од работниот век.
