Незири: постојат ризици ако пропадне договорот

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Ако не се договори она што го потпишаа четирите лидери, Македонија ја чека длабока криза, оценува една од партиите на владината коалиција. Демократска унија за интеграција дури предвидува дека во таков случај последиците би биле подлабоки од политичката криза, којашто продолжува да го привлекува вниманието на јавноста со месеци.

Беким Незири, којшто повторно е назначен во чело на изборниот штаб на ДУИ, за ТВ21 вели дека пропаѓањето на разговорите може да донесе катастрофални последици.

„Се разбира дека, ако пропаднат преговорите, земјата ја очекува политичка и економска изолација што ќе ги чини сите граѓани на Македонија, а исто така и политичките субјекти.“

Пред неколку дена, дипломатскиот кор во Скопје впери прст кон премиерот Никола Груевски, потсетувајќи го да се придржува до Договорот од Пржино.

Според Незири, пораката на дипломатите беше многу јасна и покажува дека Македонија се наоѓа на еден тежок крстопат, со тешки економски и политички последици.

Поради ова, како што вели за ТВ21, Демократската унија за интеграција ја има и опцијата за излегување од Владата ако пропадне Договорот од Пржино.

„Ние како политички субјект ги следиме сите активности што се одвиваат и, ако пропаднат преговорите, се разбира дека надлежните партиски органи, централното претседателство, генералниот совет ќе донесат одлука дали понатаму ќе биде дел од оваа влада“.

Од Европската комисија се очекува следната недела да го објави извештајот на напредокот за Македонија. Овој рок се гледа и како уште една можност за преговарачите од Пржино да ги надминат разликите и да ги спроведат обврските.