Никако да започне повторното судење за модуларната болница во Тетово. И третиот обид не успеа, бидејќи е опериран судијата Јордан Велковски. На рочиштето се појавија двајцата обвинети, Флорин Бесими и Артан Етеми, а отсутен беше претставникот на тетовската клиничка болница. Членовите на семејството велат дека се уморни од одложувањето на рочиштата. Бараат што поскоро да се затвори овој процес бидејќи секое одложување им предизвикува поголема болка.
„За нас членовите на семејствата на жртвите, секое одложување носи болка за нас. Денешната седница беше откажана затоа што на судијата кој требаше да го одржи рочиштето беше опериран и рочиштето беше одложена за 15 јануари. Ние како семејство го изгубивме трпението во овој правосуден систем, во оваа држава и преку вашите медиуми апелираме до основен суд Тетово да го сфати ова посериозно и да стави крај на случајот со модуларната болница. Многу е заморно, минатиот месец се одложи и сега на 15 јануари ќе се одржи третото рочиште, многу ни е заморно и сме психички и морално изморени како семејство“, вели Мумин Исмаили.
Еден од обвинетите, Флорин Бесими, вели дека е присутен на секое рочиште и очекува овој суд да ги земе предвид препораките на апелациониот суд.
„Се надевам дека овој процес ќе се финализира што е можно поскоро, а одлуките и препораките на највисокиот суд, апелациониот суд, ќе бидат земени предвид од овој суд. Јас не сум отсуствувал на ниту една седница и редовно сум се јавувал и јас и моите адвокати“, рече Флорим Бесими.
Флорин Бесими и Артан Етеми се товарат по член 292, а во врска со член 288 од Кривичниот законик за дело со кое се загрозува општата безбедност. Поранешниот директор на тетовската болницата, Флорин Бесими и поранешниот економски директор, Артан Етеми не се гонат како виновници за пожарот во модуларната болница во Тетово, туку затоа што не поставиле противпожарна опрема. Инаку, минатата година судот во Тетово ги осуди Флорин Бесими и Артан Етеми на 1 година и 6 месеци условна затворска казна и 1 милион денари парична казна, додека докторот Бобан Вучевски и Тетовската клиника како правно лице, беа ослободени од обвиненијата. Во мај годинава Апелациониот суд во Гостивар го врати предметот на повторно судење.
