Новото училиште во Визбегово се уште не ги отвори вратите за ученици. Се чекаше неколку години за да се изгради, но сега кога објектот е готов, постапката за отворање се одолговлекува. Кадри Елези е назначен за директор, но тој не ни одговори на нашите прашања.
„Иако е назначен за директор на училиштето во Визбегово, вратите повторно се затворени. Го побаравме за да ни каже до каде се постапките за ставање во функција на училиштето, но тој не ни одговори.“, вели репотерката на ТВ21.
Министерот за образование, Јетон Шаќири, претходно изјави дека училиштето ќе се отвори второто полугодие, но тоа не се случи. Тој бара од Општината што поскоро да ги реализира вработувањата со цел училиштето да почне со работа.
„Сега директорот кој е назначен, според тоа што сум следел претходно, пред 3 дена видов дека е пристигнат статутот на училиштето, треба да се направи евиденција во Централниот регистар на институцијата назначувањето на директорот и од комуникацијата со општината се чека да се достави барање за вработување.“, изјави Шаќири.
Градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, во телефонски разговор пред неколку недели изјави дека по назначувањето на директорот, училиштето веднаш ќе почне со настава. А додека се одолговлекуваат постапките, децата од Визбегово секој ден патуваат по неколку километри за да следат настава во општина Чаир и Шуто Оризари.
