Поминаа 4 дена откако ИЈЗ и општина Тетово соопштија дека водата кај тетовска Бањица не е за пиење, но граѓаните и натаму ја пијат.
Иако поминаа 4 дена откако ИЈЗ и општина Тетово соопштија дека водата кај тетовско Бањица не е за пиење, овде нема никакво предупредување за граѓаните, ние сме овде половина час и сретнавме граѓани кои полнеа вода за пиење а не знаеја дека водата е штетна за нивното здравје.
Граѓаните кои ги сретнавме како полнат вода беа револтирани зошто нема никакво предупредување.
-Не се пие? Не сме чуле!
-Дали мислите дека треба да има некаков знак?
-Секако дека треба да има, ова е едно од најпосетените места во Тетово, не верувам дека во Тетово пијат повеќе вода отколку овде, навистина многу ја користат.
-Немам потреба да полнам, јас излегов заради ќеиф.
-Знаевте дека не е за пиење?
-Не, не знаев.
-Мислите ли дека треба да има некаков знак?
-Еве дојдов, нема никаков знак, во државава ништо не функционира, нема контрола.
-Откако ти кажав не полниш?
-Не, снимај еве ја оставив, не полнам веќе.
Од ИЈЗ во Тетово велат дека минералната вода кај Бањица не е безбедна за пиење.
„Според анализите, не е за употреба поради зголемениот број бактерии како ешерихија коли и ентерокока. Се препорачува граѓаните да не ја користат за пиење до следното испитување“, велат од ИЈЗ.
Бањица е едно од најпосетените места во градот каде многу од граѓаните излегуваат на трчање но и за да наполнат вода за пиење, која според граѓаните е многу здрава за дигестивниот систем.
