Никола Димитров останува вицепремиер за европски прашања

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со 55 гласа „против“ и 53 гласа „за“ во Собранието не помина интерпелацијата за вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров. Барањето за интерпелација отвори жестока политичка дебата во Собранието.

Откако беше исцрпена листата на пратеници кои требаше да говорат, Џафери најави дека последен ќе се обрати Димитров, но по неговото обраќање координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Мицески, во процедурална забелешка бараше да говорат уште двајца пратеници, тоа Џафери не го дозволи и им рече дека дека ќе гласаат 5 минути до полноќ по што прогласи пауза.

Димитров посочи дека недобивањето на датум за преговори во октомври или во јуни 2019 година нема никаква причинско-последична врска со реформската кондиција кај нас дома. Тој како што рече, лично францускиот претседател Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел кажале дека прашањето е поврзано со внатрешната дебата во Франција во однос на реформите во рамките на Европската Унија.

Ветувањата за кои нè обвинувате се ветувања на Европската Унија. Пред мене ја имам одлуката од март 2020 година каде вели, преведувам директно од англиски, Европскиот совет одлучи да отвори пристапни преговори со Република Северна Македонија и нема на следната страна услови, истакна Димитров.

На обвинувањата дека власта не внимава доволно на добрососедство, вицепремиерот рече дека низ целиот Балкан, Владата шири еден нов европски приод кон добрососедството.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски рече дека терминот македонска историска Комисија, е избришан, токму заради тоа што, како што рече, Никола Димитров им го овозможил тоа на сите страни коишто тоа ќе го побараат, не само на бугарската, преку уставниот Закон за спроведување на амандманите, усвоен на 11 јануари 2019-тата година.

Димитров нагласи дека ако договорот со Бугарија бил лош, немаше од Софија да пристигнуваат барања за анекс. Вицепремиерот рече дека Договорот со Бугарија највисоко го оценија Могерини, Хан, и тројката европратеници Кукан, Флекенштајн и Вајгл и рекоа дека тој претставува голем чекор на нашата земја кон ЕУ.

Пратеникот и претседател на Левица, Димитар Апасиев, од собраниската говорница упати навреди кон вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, нарекувајќи го американски шпион.

Во одговорот, Димитров рече дека Апасиев влегува во категорија на политичар-обвинител, па и политичар-инквизитор.

Во еден момент „војна на зборови“ имаше меѓу пратениците Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ, и Мартин Костовски од СДСМ.

Кога реплицираше Ристески, Џафери ја исклучи говорницата, па побара процедурално збор координаторот на пратеничката група Никола Мицевски.