Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, пред Советот на Европа упати критики до бугарската политика, при што особено ги посочи бугарскиот претседател Румен Радев како и потпретседателката Илијана Јотова. Николоски ги обвинува дека спроведуваат екстремно десничарска и екстремистичка политика. Според него, Македонците во Бугарија се лишени од употребата на јазикот и правото на образование.
Односите меѓу Бугарија и Северна Македонија ги коментираше и германската амбасадорка во Софија, Ирене Марија Планк. Таа во изјава за БГНЕС порача дека Македонија треба да ги заврши домашните задачи и да се придржуваат до договорите.
-Верувам дека ќе биде предност за Северна Македонија да стане дел од Европската Унија, но тие мора да си ја завршат домашната задача, да се придржуваат до договорите. Од друга страна, мислам дека Бугарија многу добро се придржува и сведок сум на напорите на актуелната влада да одржи пријателски пристап за придржување кон актуелните прашања-рече Планк.
Според амбасадорката, Северна Македонија и Бугарија се добри соседи и би било во интерес на двете страни процесот да оди напред. Што се однесува до процесот, Бугарија во моментов чека Собранието на Република Северна Македонија да ги одобри уставните измени преку кои бугарскиот народ би бил дел од Уставот. Од ВМРО-ДПМНЕ постојано повторуваат дека нема да дозволат уставни измени под бугарски диктат, иако власта демантира дека такво нешто се случува. Владините претставници постојано повторуваа дека со внесувањето на Бугарите во Уставот ќе се потврди македонскиот идентитет како народ.
