Николоски: Се бара трајно решение за ограничувањето од 90 дена за македонските превозници во Шенген

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Проблемот со ограничувањето од 90 дена престој во период од 180 дена за македонските превозници во Шенген зоната е сериозен, а институциите веќе работат на негово трајно решавање, изјави вечерва вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Гостувајќи во емисијата „Топ Тема“ на Телма телевизија, тој посочи дека досега системот за евиденција бил книжeн и во пракса постоеле одредени толеранции, но со воведувањето електронска евиденција тоа повеќе нема да биде можно.

– Добро е што превозниците реагираа, бидејќи нивната реакција придонесе Европската комисија предвреме да ја презентира новата визна стратегија – рече Николоски.

Според него, во новата европска визна политика веќе е вметнато барањето од Македонија професионалните возачи, без разлика дали управуваат камиони или автобуси, да добијат посебен статус.

Николоски информираше дека Хрватска веќе има закон во собраниска процедура, додека Романија подготвила законски драфт. По разговорите во Унгарија, се очекува решение и таму по изборите. За усогласување остануваат Австрија и Германија, како најважни транзитни и крајни дестинации за македонските превозници.

Во однос на Обединетото Кралство, кое е надвор од Шенген, Николоски објасни дека таму се применува постоечката практика на доделување работни визи. Паралелно, се работи и со Бугарија и Грција на модели за непречен дневен транзит на професионални возачи во пограничните региони.

Тој додаде дека поради потребното време за усогласување на процедурите, договорено е воведувањето на новиот електронски систем за евиденција да се одложи за македонските граѓани до 30 септември 2026 година, а до тогаш ќе продолжи да важи досегашната книжна евиденција.

Осврнувајќи се и на преполовените европски квоти за извоз на челик, Николоски оцени дека тоа е едно од најголемите економски предизвици за домашната металуршка индустрија.

Тој појасни дека квотите што ги применува Европската Унија за земјите што не се нејзини членки потпаѓаат под т.н. „квоти за трети земји“, во чија рамка е и Северна Македонија. Бидејќи во истиот систем е вклучена и Кина, значителен дел од количините се алоцираат таму, што го ограничува извозот од регионот.

Николоски информираше дека од јануари 2027 година треба да започне пресметувањето на јаглеродната компонента за увезените производи во рамки на механизмот СИБАМ, односно јаглеродната такса која ќе санкционира производство со т.н. „нечиста енергија“, доколку земјата извозник нема сопствен систем за евиденција и наплата на јаглеродни емисии.

Министерот посочи дека ниту една земја од регионот сè уште нема воспоставено таков механизам, делумно и поради доцнењето на Европската Унија со финализирањето на правилата, кои се очекува да бидат објавени до септември годинава.

Во однос на квотите, тој потврди дека се водат интензивни разговори преку Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и македонската Мисија во Брисел.

– Решението треба да се најде во насока земјите од Западен Балкан, или доколку тоа не е можно како група, тогаш Северна Македонија да биде исклучена од политиките за трети земји, што е единствено логично решение – рече Николоски.

Тој предупреди дека доколку не се најде решение, земјите од регионот би можеле да размислуваат за реципрочни мерки, што, како што нагласи, не би било во интерес на никого, особено имајќи предвид дека странски инвеститори во Македонија произведуваат полупроизводи за европските пазари.