„Ние сме единствената држава која, во време на глобална криза во авијацијата, отвора нови воздушни дестинации. Во наредните недели ќе бидат отворени пет нови линии“, соопшти министерот за транспорт, Александар Николоски.
„Austrian Airlines ќе започне со редовни летови од Виена до Охрид, што ќе биде многу важно за конекциски летови преку Виена. Додека Wizz Air ќе започне летови од Полска, односно од Вроцлав и Краков кон Охрид, што позитивно ќе влијае на развојот на туризмот и ќе донесе полски туристи. Од Скопје ќе имаме две одлични летни дестинации, кои ќе продолжат и по летната сезона. Едната е Палермо во Сицилија, а другата е Алгеро во Сардинија. Така, ние сме единствената држава која отвора нови авиолинии“, изјави Николоски.
Тој додаде дека земјата моментално целосно го снабдува со керозин Аеродромот во Приштина, а делумно и аеродромот во Ниш, нагласувајќи дека благодарение на добрата организација во Скопје, функционирањето на овие два аеродрома е поддржано и од домашната инфраструктура и капацитети.
