Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва на вонредна прес-конференција рече дека браќата Заеви се фатени во случајот „Рекет“. Тој тврди дека Зоран Заев се слушала со Катица Јанева, а дека неговиот брат Вице Заев имал комуникација со еден од осомничените во „Рекет“, Зоран Милевски – Кичеец.
„Причината зошто ја одржуваме оваа прес конференција вака доцна навечер е што сметаме дека денес е најсуштинскиот ден во случајот Рекет откако се отвори и очекувавме цел ден да има реакција и од СДСМ и владата и од семејството Заеви.
До овој момент единствената реакција стигна само од претседателот на државата Стево Пендаровски кој што јасно кажа дека немал средба со Катица Јанева.
Имено денес разбравме од посебно истражни мерки легално прибавени од страна на обвинителството дека Катица Јанева во текот на месец август, откако случајот беше и формално отворен со приведувањето на другите двајца во тоа време осомничени, а сега веќе еден осуден, остварила минимум една средба со тогаш премиерот Зоран Заев.
Имено Катица Јанева отишла на кај резиденцијата на претседателот и премиерот имајќи предвид дека претседателот на државата веќе демантираше дека била кај него, односно кажа човекот дека во резиденцијата живее од октомври 2019 година, а средбата е во август 2019, јасно е дека средбата е со Зоран Заев.
Второто за кое што не треба да претпоставуваме туку е јасно, видено и покажано е дека Зоран Милески Кичеец имал средба со Вице Заев, братот на Зоран Заев. Значи, Зоран Милески Кичеец имал во текот на јуни и јули месец средба со Вице Заев.
Се поставува прашањето, за што зборувале на овие средби? Која е содржината на тие средби и секако како е возможно да се среќаваат доколку претходно немаат комуникација и не се познаваат. На средбата бил и фамилијарниот адвокат на Заев.
Ако е точно дека Зоран Заев самиот го пријавил случајот Рекет како што тврди, иако не видовме никаков доказ за тоа, и никаква писмена белешка, тогаш што барал еден од осомничените во Владата, со кого се среќавал во владата и што барал на средба со Вице Заев, брат на тогашниот премиер Зоран Заев“, рече Николоски.
