Светските лидери денес го осудија инцидентот во Вашингтон, во кој маж во текот на изминатата ноќ отворил оган на контролен пункт во хотелот „Хилтон“, каде се одржувала свечената вечера на Здружението на дописниците од Белата куќа, на која присуствувал и американскиот претседател Доналд Трамп, оценувајќи дека станува збор за чин на „политичко насилство“.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во објава на платформата „Икс“ изјави дека за неа претставува олеснување тоа што Трамп и неговата сопруга Меланија, како и сите присутни на вечерата се безбедни.
„Насилството нема место во политиката, никогаш. Им благодарам на брзата реакција на полицијата и службите за интервенција за обезбедување на безбедноста на гостите“, изјави фон дер Лајен.
Шефицата на дипломатијата на Европската Унија Каја Калас изјави дека „политичкото насилство нема место во демократијата“.
„Настан кој е наменет да ја одбележи слободата на медиумите никогаш не треба да стане место на страв. Му посакувам брзо закрепнување на повредениот полицаец“, изјави Калас во објава на платформата „Икс“.
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека е „шокиран од сцените“ на вечерата на Здружението на дописниците од Белата куќа, додавајќи дека секој напад врз демократските институции или слободата на медиумите мора најостро да се осуди.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека е „шокиран од обидот за атентат“ врз американскиот претседател Доналд Трамп на свечената вечера во Вашингтон.
Нетанјаху нагласи дека олеснување претставува тоа што Трамп и првата дама се „безбедни и силни“, упатувајќи желби за брзо закрепнување на повредениот полицаец и пофалувајќи ја Тајната служба за брзата реакција.
Канадскиот премиер Марк Карни изјави дека чувствува олеснување што претседателот, првата дама и сите гости се безбедни по извештаите за пукањето, додавајќи дека политичкото насилство нема место во ниту една демократија.
Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум исто така порача дека е добро што Трамп и неговата сопруга се безбедни и истакна дека насилството никогаш не смее да биде решение.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе изјави дека е задоволен што сите присутни на настанот се безбедни, пофалувајќи ја брзата реакција на безбедносните служби.
Лидерите од целиот свет го осудија чинот на „политичко насилство“ и изразија олеснување што американскиот претседател Доналд Трамп, функционерите и новинарите се неповредени по пукањето на вечерата.
Трамп заедно со останатите гости бил евакуиран од хотелот „Хилтон“ откако вооружен маж отворил оган на контролен пункт во лобито на хотелот.
Осомничениот, идентификуван како Кол Томас Ален (31), кој живее во предградието на Лос Анџелес, по апсењето изјавил дека имал намера да пука во функционери од администрацијата на Трамп кои присуствувале на вечерата.
Полицијата соопшти дека тој бил вооружен со пушка, пиштол и неколку ножеви, како и дека дошло до размена на оган меѓу него и полицијата, при што бил ранет еден припадник на безбедносните сили кој носел панцир, пренесува Танјуг.
