Ниту еден инвеститор засега не заминал, просечните плати во ТИРЗ пониски од платите на ниво на држава

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Платите на работниците во индустриските зони се пониски од просечните плати, но и побавно растат во однос на просечните нето плати на другите граѓани во државата. Оваа информација ја потврди и директорот на Дирекцијата за технолошко –индустриските развојни зони Јован Деспотовски.

„Просечната бруто плата е повисока во однос на просечната бруто плата исплатена во ТИРЗ зоната исплатена во 2018 година. Разликата била некаде околу 6.2 проценти,таа разлика се намалила во 2019 година и сега изнесува некаде околу 5.4 проценти. Но сепак останува фактот во ТИРЗ зоните оние наши сограѓани кои работат некаде околу 14.000 вкупно во моментот уживаат пониска просечна плата во однос на она која ја уживаат сограѓаните генерално.“, вели Јован Деспотовски.

Според последните податоци ова покажува, дека, додека лани просечната нето плата на ниво на држава била 25.214 денари, платата на работниците во зоните била 23.450 денари. Дирекцијата нема податоци за движењето на платите во 2020 година . Според директорот на ТИРЗ кризата од корона пандемијата се рефлектира и врз работењето на зоните при што е забележан пад како во извозот така и во увозот .

„Заклучно со Октомври оваа година вкупниот извоз во државата е паднат за 13.01 процент во однос на извозот во 2018 година, меѓутоа од ТИРЗ зоните е намелен само за 9.4 % .Тоа значи дека извозот во зоните секако се намалува како последица на глобалната криза.“, рече Деспотовски.

Деспотовски вели дека трендовите во ТИРЗ зоните, не се толку неповолни, наспроти шпекулациите кои деновиве беа присутни во јавноста. Додаде,дека државата има интерес од странските инвеститори кои на име даноци и придонеси за 2018 година платиле 22,6 милиони евра, а во 2019 сумата се зголемила на 28,5 милиони евра. Првиот човек на ТИРЗ потврди дека се раскинати договорите за добивање градежно земјиште со четири инвеститори, затоа што не почнале навреме со градежните активности. Додаде дека ниту еден странски инвеститор годинава не си заминал од државата. Информира дека и во услови на криза има инвеститори кои се пред склучување на договор а дел од веќе постоечките најавуваат проширување во зоните.