Агенцијата за национална безбедност во рамките на своите надлежности како и информациите достапни во базата на НАТО и сојузниците извршила свои безбедносни проверки за лицата кои нашата држава треба да ги прифати и до сега не е констатирано ниту едно лице кое би претставувало закана за безбедноста на државата, потенцираше директорот Димовски. Според договорот на владата со НАТО сојузниците на авганистанските бегалци ќе им биде издадена виза во времетраење од 90 дена, време во кое ќе се одреди нивната крајна дестинација.
„Државата и Агенцијата за национална безбедност се подготвени воедно и да гарантираат сигурен привремен престој за бегалците, рече Димовски. До сега не е разговарано за нивно постојано прифаќање и интегрирање во нашето општество.
Со членството во НАТО Алијансата усложнети се и процедурите за добивање на безбедносен сертификат, од досега предложените апликанти за добивање на НАТО безбедносен сертификат одбиени се околу 10%, рече директорот Димовски. Претходно Агенцијата спровела и внатрешен ветинг на вработените од кои до сега се селектирани 365 лица кои го поминале истиот.
Директорот Димовски информираше за состанок со неколку директори на служби од Централна и Источна Европа кој треба наскоро да се одржи во Скопје на кој ќе се разменат безбедносни информации, а ќе се дискутира и за новите предизвици поврзани со пандемијата.
