Преполни автобуси, со патници кои носат маски, но не држат дистанца, ова е секојдневната слика во скопскиот јавен превоз. И покрај тоа што Влада ги усвои новите мерки за заштита и против ширење на корона вирусот, кој зема огромен замав последниот период, автобусите на ЈСП Скопје продолжуваат да бидат потенцијално корона жариште. Првиот човек на Град Скопје Петре Шилегов вели дека статистички е намален бројот на патници кои користат јавен превоз. Признава дека има случаи каде не се почитуваат протоколите во автобусите, но тоа според него не придонесува во влошување со пандемијата.
„Не велам дека не се случува да имаме автобуси каде што има поголем број на патници меѓутоа тоа не е правило, тоа е исклучок, се случува на понекоја линија. Меѓутоа генерално не можеме да речеме дека бројот на патници и Јавниот транспорт во Скопје придонесува во влошување на пандемијата“, вели Шилегов.
Граѓаните велат дека треба да има одреден човек кој ќе води ред во автобусите.
„Има гужви, ние пензионерите правиме гужви. Сакаме малку да искочиме надвор, не се седи дома цело време. Немаме други активности.
Дали сте исплашени за вашето здравје?
Не, воопшто не ни мислам на тоа. Ние имаме специјална тактика во друштво кога се собираме на ракииче и убаво поминува времето“
„Во автобус треба да се обрне внимание од шоферите, затоа што има граѓани кои не носат маски во автобусите. Дури и се караат луѓето, до тепање ќе дојде. Викаат меѓусебе „Ти ли ќе ми кажеш да носам маска“. Треба шоферот или некој друг одговорен да биде за маски, кој нема маска да ги симнува“.
„Кој како, маски се носат. Дистанца нема шанси да има.
Дали се плашите за вашето здравје?
Кој не се плаши за здравјето и да не е оваа ситуација секој се плаши“.
Од ЈСП велат дека го организирале функционирањето на јавниот превоз согласно последната владина препорака за ограничување на бројот на патници во возилата на 50% од вкупниот капацитет на возилото.
„Во случај на поголем број патници од дозволеното, веднаш се реагира со „појачување“ на линијата. Таков беше случајот пред десетина дена со линиите 2 и 2А. Што значи дека ситуацијата на терен се следи постојано и по потреба се реагира на дневна основа“.
Инаку владата даде 135 милиони денари за ЈСП, како финансиска поддршка поради кризата со корона вирусот кои ќе се користат за покривање на загубите на ова претпријатие.
