Националниот парк Шар Планина се вклучува во нов европски проект за зачувување на кафеавата мечка, со цел долгорочна заштита на динаро-пиндската популација на овој вид.
Станува збор за проектот LIFE DinPin Bear, кој ќе се реализира до 2031 година во девет европски држави. Во рамки на активностите, институцијата ќе спроведува теренски истражувања преку мониторинг, поставување трап-камери и собирање научни податоци за распространетоста и движењето на кафеавата мечка (Ursus arctos).
Од паркот информираат дека дел од поставените камери веќе се оштетени, најверојатно од мечки во потрага по храна, што укажува на нивно активно присуство на територијата.
Според податоците од 2025 година, популацијата на мечката во паркот покажува стабилен тренд, со зголемен број младенчиња. Како главни предизвици се посочуваат отпадот и човечкото вознемирување, додека се регистрирани и поединечни случаи на материјална штета.
Од националниот парк апелираат до посетителите и локалното население да не оставаат отпад и храна на отворено и да ги почитуваат природните живеалишта, со цел да се избегнат несакани средби со диви животни.
Проектот предвидува активности за намалување на фрагментацијата на живеалиштата, подобрување на коегзистенцијата меѓу луѓето и мечките, зајакнување на управувањето и законската рамка, како и унапредување на прекуграничната соработка и вклучување на локалните заедници.
