Со доаѓањето на новиот министер за здравство Фатмир Меџити на чело на овој ресор следуваат нови ветувања и надежи за изградба на Клинички центар. Министерот Меџити во своето прво појавување пред новинарите вели дека меѓу неговите приоритети е новиот објект на Клиниката, кој се ветува со години. Меџити изјави дека тоа е неопходно за нашата земја, притоа додаде дека го имаат проектот и штом ќе биде готов ќе го објават во јавноста.
„Друга многу важна работа за државата за која во последно време многу се зборува е Клиничкиот центар. Тоа значи дека ние ќе го продолжиме тој проект, го предвидовме во нашата програма, го имаме детално уредено и организирано. Ќе видиме времето и тајмингот кога ќе излеземе пред медиумите и кога ќе бидеме многу сигурни. Знаеме точно, ја имаме визијата, идеите, комплетниот проект и ќе излеземе и ќе го претставиме пред вас, медиумите“, вели Фатмир Меџити
Идејата за нов Клинички центар датира од 2016 година, кога министер за здравство беше Никола Тодоров.
Но со промена на власта и откако Венко Филипче беше назначен за министер за здравство, овој проект беше стопиран.
Поради прекин на договорот, претходниот министер, Беким Сали, доби казна од неколку милиони евра од италијанската компанија.
„Ние како Министерство сме организирани со правници за да ја разгледаме можноста да се намали побаруваната сума. Секако нема да биде таа сума, најчесто страната која побарува ги побарува сите средства што ги предвиделе во нивните калкулации за штети направени во однос на тој договор“, додаде Беким Сали.
Новата клиника не е изградена, а казната остана неплатена, сега со неа ќе се занимава новиот министер. Меџити рече дека не се знае точно колку државата треба да плати и дали ќе плати. Инаку, неговите три приоритети се ажурирање на позитивната листа на лекови, решавање на хаосот со паркингот кај Клинички центар и изградба на ургентен интерен центар. Вети дека ќе се заложи што поскоро да се изградат болниците кои останаа на пола.
