Во завршна фаза се преговори со компанија што во земјава ќе инвестира 350-360 милиони евра во производство на батерии, најави премиерот Христијан Мицкоски. Вели компанијата доаѓа од моќна земја – членка на Европската унија. Месецов и друг инвеститор, што е со огромно учество во извозот, треба да се произнесе дали ќе ја проширува инвестицијата во земјава. Мицкоски вели во моментов се работи со 15 потенцијални инвеститори.
„Во јануари треба да се произнесе дали ќе ја проширува својата инвестиција тука и тоа ќе значи многу за македонската економија. Ние сме во последен круг, во најтесен круг како држава заедно со една од сојузните држави на Соединетите Американски Држави. Ќе кажам тоа е државата Пенсилванија. Значи, Пенсилванија и Македонија се во најтесен круг за оваа инвестиција“, вели Христијан Мицкоски.
Премиерот најави промена на моделот на привлекување на странските инвеститори во законските одредби во делот на поддршката. Вели тоа нема да биде драматично различно од тоа што било до сега. Според него сегашниот модел го достигнал пикот.
Промените ги чекаат и од Советот за странски инвестиции. Глобалниот корпоративен данок, кој сега ќе треба да го плаќаат компаниите во земјава кои се дел од големи странски корпорации, ја менува шемата на поддршка за странските инвеститори.
„Ќе треба паралелно на тоа да се направат измени во сите оние концепти и бенефиции за државна помош кои се поврзани со корпоративниот данок. Ќе траба да се изнајде алтернативно решение, наместо ослободување од плаќање на корпоративен данок, или плаќање на истото, а потоа поврат. Ќе треба да се изнајде нова мерка која ќе треба да го компензира тој дел кој што значи корпоративно ослободување на данок“, додаде Виктор Мизо.
Мизо вели го чекаат предлогот од Владата, да видат како тоа ќе влијае на нив. Отворени се да дадат нови идеи, но и забелешки за подобрување на тој концепт.
„Дополнително, како странски инвеститори ова ќе влијае директно кај, на оние странски инвеститори кои се веќе тука присутни во државата и планираат да реинвестираат, но истовремено ова ќе значи дека ќе треба да се промовираат овие нови пакети на мерки кон новите инвеститори кои државата планира да ги привлече“, вели Виктор Мизо.
Законската регулатива веќе е донесена. Компаниите од земјава кои се дел од странски корпорации, кои глобално остваруваат приходи поголеми од 750 милиони евра, а во земјава над 10, и профит кај нас поголем од 1 милион евра ќе треба да плаќаат 15 проценти данок на профитот. Министерката за финансии, Кочоска во емисијата „Бизнис 21“ рече дека во 2026 година се очекуваат околу 30 до 40 милиони евра во буџетот од овој данок.
