Се продлабочува политичката криза во Бугарија. Имаше шести обид новиот парламентарен состав да избере нов претседател на Собранието, но безуспешно. Претставници на домашните власти, кои се надеваа да има стабилна политичка Влада во Софија за да може да се разговара за уставни измени со одложена примена, веќе ја споменуваат опцијата за нови избори кај соседите на пролет. Дали во меѓувреме има план Б за евроинтеграцијата, од коалицијата Вреди одговорија:
„Ние ќе чекаме што побрзо формирање на Владата во Република Бугарија и да ги почнеме преговорите за решавање на проблемот кој е меѓу двете држави. Ние имаме волја за тоа, само немаме влијание околу формирањето на Владата во Бугарија, па со оглед на тоа, ќе треба да чекаме.“, вели Дритон Сулејмани од ВРЕДИ.
Во меѓувреме, специјалниот германски претставник за Западен Балкан, Мануел Сарацин за помалку од 24 часа ги посети Скопје и Софија.
„Зборувавме за евроинтеграцијата, прогресот во реформските области и актуелните политички случувања во земјата и регионот. Разменивме мислења за новото раководство на ЕУ и неговата улога во напредувањето на процесот на проширување, како еден од клучните приоритети во годините што следуваат“, рече Муцунски.
Повеќе детали од средбата Муцунски-Сарацин нема. Сепак, дополнителни информации пристигнаа од бугарската потпретседателка Илијана Јотова која на германскиот претставник му порачала дека Скопје нема ништо остварено, па дури ниту предлог текст за уставните измени.
„Бугарија никогаш не излегувала од договорената рамка и не поставува нови дополнителни услови за започнување на преговорите за членство во ЕУ со Република Северна Македонија, туку сака Скопје да ги почитува европските договори. Тоа не се бугарски претензии, туку европски критериуми за членство.“, изјави Јотова.
Јотова истакнала дека покрај внесот на Бугарите во Уставот, Софија од Скопје очекува и реални резултати од работата на Историската комисија, како и мерки против ширење на антибугарска идеологија. Таа обвини и дека Скопје стопира билатерални и европски проекти, а како пример го посочила Коридорот 8.