Ќе се изгради нов објект за основното училиште „Иднина“ во Чаир, а дотогаш децата со посебни потреби настава ќе посетуваат во објектот на средното училиште за рехабилитација и образование „Свети Наум Охридски“. Децата со посебни образовни потреби ќе бидат во безбедна образовна средина – истакна првиот заменик-премиер Изет Меџити, кој додаде дека на располагање се 9 уредени кабинети.
-Денеска овде, во „Свети Наум Охридски“, имаме на располагање девет целосно уредени кабинети за индивидуална наставна поддршка според Монтесори методата, психомоторна реедукација, арт терапија, сензорна соба и библиотека. Секое дете ќе има можност да се развива и учи во безбедна и стимулативна средина. Ова е само првиот чекор. Владата останува посветена на изградба на нов модерен објект на постојната локација во Чаир, изјави првиот заменик-премиер, Изет Меџити.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, соопшти дека дел од учениците сè уште се во старото училиште „Иднина“, во делот каде што е безбедно, и рече дека се очекува во најкус можен рок да се завршат сите работи.
-Привремено ќе се дислоцира основното училиште „Иднина“. Како што знаете, состојбата во старото училиште „Иднина“ не ги задоволува стандардите и поради тоа, заедно со претставниците на Стопанската комора МАТТО, заменик-премиерот и МОН, направивме реконструкција на овој дел за учениците да можат да бидат безбедни, да ја следат наставата и да добиваат рехабилитација во сигурна средина. Како што видовте, веќе се опремени 9 кабинети, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Ајдован Адемоски, претседател на МАТТО, изјави дека е среќен што е инвестирано во децата, бидејќи, како што рече, тие се нашата иднина.
-Македонско-турската стопанска комора, со гордост можеме да кажеме дека сме среќни што овозможивме да се реновира училиштето „Свети Наум Охридски“, така што како македонско-турска комора, придонесовме и инвестиравме во иднината на децата, изјави Ајдован Адемоски, претседател на МАТТО.
Во врска со локацијата на училиштето „Иднина“, Изет Меџити соопшти дека ќе се изгради ново училиште за деца со посебни потреби, за што средствата ќе ги обезбедат Министерството за образование, општината и владата, а во непосредна близина, на преостанатиот простор, ќе се изгради и друго училиште за учениците од Чаир.
