Нов тик ток предизвик, кој ги охрабрува младите да испијат што поголеми дози парацетамол, се шири на социјалните мрежи. Иако засега нема информации дека трендот е присутен кај децата во Македонија, стручњаците предупредуваат – оваа пракса е исклучително опасна, а прекумерното консумирање може да доведе до сериозни здравствени последици, па дури и до смрт.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, вели дека училиштата веќе добиле упатства за заштита на учениците, а на родителите им се препорачуваат апликации со кои можат да постават ограничувања на мобилните уреди на своите деца.
Сепак, засега државата не размислува за забрана на тик ток апликацијата.
–Се предлози на апликации кои што родителите можат да ги искористат за да забранат определени страници или содржини за младите. Тоа се приватни компании кои што ги произведуваат овие апликации, дел од нив се плаќаат дел од нив се бесплатни, но споделено е упатството на нашата веб страница на онаа заедничка веб страница која што во моментот ја имаме со Министерството за јавна администрација и на нашите фејсбук профили, секој од вас ве повикувам да кликнете да се упатите на упатството и да ги прочепкате тие апликации кои што мислам дека би биле навистина корисни, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека досега немаат забележано случај на труење со парацетамол.
–Деновиве токму за овој предизвик со предупредување се јави поранешниот директор на Токсикологија, доктор Нико Беќаровски кој на својот фејсбук профил наведе дека ова може да има фатални последици кај децата, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари.
-Труењата со парацетамол се меѓу најсмртоносните труења со лекови. Дури и мали дози 10-15 таблети предизвикуваат оштетувања на црниот дроб, 20-40 таблери предизвикуваат сериозни труења и оштетувања на црниот дроб,а труењата со над 50 таблети многу често завршуваат со смрт. Затоа контролирајте ги вашите деца, пред да ни се случи нова трагедија, напиша доктор Нико Беќаровски на својот фејсбук профил.
Предизвикот започна од Швајцарија, а први жртви од трендот се регистрирани во Охајо. Од Тик-ток предизвиците се повеќе има повредени млади кај нас. Последниот случај е пред околу еден месец кога 17-годишно момче сакајќи да се снима загина од струен удар на вагон. Вознемирувачки се податоците за повредени со скршеници од таканаречениот супермен предизвик во кои неколку деца фрлаат во воздух друго дете за да го снимаат како лета како супермен.
