Бескаматни кредити за околу 2000 домашни претпријатија. Со 31 милион евра Владата со помош на ЕУ ќе ги помага малите претпријатија ,трговците и занаетчиите полесно да ја пребродат Ковид кризата. Триесет милиони евра доаѓаат како помош од ЕУ преку ИПА програмата а еден милион од домашната каса.
„Во ова трета кредитна линија на барање на занаетчиските комори прв пат е проширен таргетот на кредитната линија и им е дадена шанса и на занаетчиите кои имаат пад на своите приходи најмалку 20 проценти да можат да поднесат барање за кредит со нула проценти камата“, посочи Фатмир Битиќи.
Директорот на развојната Банка Кире Наумов истакна дека почетниот датум за доставување на барањата за кредит ќе биде од 16 декември а повикот ќе трае до 30 декември. Кредитите како што напомена Наумов ќе се даваат по принципот” Прв дојден прв услужен”.
„Минимален износ за кој ќе може да поднесе барање било кој субјект е три илјади евра, а максималниот износ изнесува пет илјади евра за трговец поединец и занаетчија,и максимален износ од 15 илјади евра е за микро и мали трговски друштва“, додава Кире Наумов.
Кредитите ќе бидат без камата со три години рок на отплата и вклучен грејс до шест месеци . Евро амбасадорот Дејвид Гир наведе дека доделените 30 милиони евра за оваа најголема досега бескаматна линија се доказ дека Европската унија е најголем помагател на Северна Македонија.
