Во изминатите 24 часа на Клиниката за инфективни болести е примен и 76-годишен пациент, за кој постои сомневање дека е заразен со вирусот западнонилска треска.
Со овој нов случај, бројот на пациенти кои се третираат како клинички сомнителни случаи достигна седум, додека кај десет пациенти веќе е потврдена западнонилската треска.
Тројца од нив се во критична состојба, хоспитализирани на одделот за интензивна нега и поставени на механичка вентилација. Нивната здравствена состојба, според лекарите, останува непроменета.
Сите пациенти се од Скопје.
„Моментално на Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани 10 пациенти кај кои лабораториски е докажано присуство на вирусот на Западнонилска треска. Од овие 10 пациенти, тројца се во критична состојба и се на механичка вентилација.“, порача Фадиљ Цана.
Директорот на Клиниката за инфективни болести, доктор Фадил Цана, информираше дека најизложени на ризик се лицата над 60 години, хронично болните и лицата со ослабен имунолошки систем.
Тој нагласи дека околу 80 проценти од заразените ја поминуваат болеста со благи симптоми или без симптоми.
„Пациентите кои се хоспитализирани кај нас се над 60-годишна возраст и имаат придружни заболувања. Ова треба да се нагласи – постарите лица, лицата со придружни заболувања и лицата со ослабен имунитет се повеќе изложени на овој вирус, односно на потешката форма. Она што веќе неколку пати е кажано, 80% од случаите поминуваат лесно и целосно без симптоми.“, вели Фадиљ Цана.
Цана информираше дека за да се потврди невроинвазивната форма на болеста кај најновиот случај, потребни се дополнителни анализи на цереброспиналната течност.
Тој објасни дека PCR-тестот не се смета за главен стандард за дијагностицирање на невроинвазивната форма на Западнонилска треска, поради што пациентите се подложуваат на дополнителни лабораториски испитувања и се третираат како заболени од вирусот.
Според Цана, периодот на инкубација трае до 14 дена, а текот на болеста не може да се предвиди за секој пациент.
